Коментарот на една драга пријателка на тема кариерни и животни избори, ме поттикна на овој текст - ти благодарам Емилија.
Темата ме засега приватно, како мајка на три деца и самовработена во моја фирма минативе девет години. Темата ја разгледувам и професионално, како кариерен советник кој помага на лица и компании на темите кариера, вработување, избори кои ги носиме за себе, а влијаат и на другите околу нас.
Неколку видувања:
1. Многу е важно каков е нашиот систем во кој сме поврзани, за да бидат изборите
"еколошки", добри за сите, поддржани и остварливи. Тука не станува збор дали ние
сакаме да се вклопиме во некои стереотипи и ќе прифатиме предрасуди, туку за
взаемно усогласување на животните и кариерните желби и улоги.
Тоа значи, колку порано во животот имаме идеа како би сакале тој да изгледа, тоа
подобро можеме да го артикулираме со луѓето со кои се поврзуваме.
2. При планирањето на кариерата, го поддржуваме тн.холистички пристап, кој ја зема
предвид нашата целина, сите улоги кои би сакале да ги оствариме во животот. Со тоа
можеме да сме на чисто што, кога и зошто сакаме да се случи. И колку повеќе сме на
чисто со себе, толку помалку ни влијаат коментарите од околината зошто сме "ова", а
не "она".
3. Управувањето со кариерата како редослед на работни позиции е можност и
одговорност на секој од нас. Работата ни е важна за да опстанеме, но и за да го
дополниме чувството на лична вредност, придонес кон заедницата, влијание на
нештата околу нас.
4. Секој си дава свое значење на работата што ја работи и тоа е во во ред. Или не бара
значење, едноставно заработува. И за тоа е добро да е искрен со себе, за да не биде
огорчен кон оние кои си "нашле нешто убаво" во работата.
5. Има огромни разлики во начинот на родова поделба на тн.репродуктивен (поврзан
со раѓање и одгледување деца, неплатен труд) и тн.ПРОДУКТИВЕН ангажман, поврзан
со "продукција" на услуги и производи за пари. Во минатото овие улоги биле поделени
на главно машки и главно женски. Нашите генерации се трудат да воспостават некаков
баланс, како ни оди, не знам. Да не генерализираме, има разни варијанти.
Истражувањата покаживаат дека жените сеуште го носат најголемиот дел од
неплатената домашна работа.
6. Работата РОДИТЕЛСТВО за мене лично е на највисокиот пиедестал на професии и на
било каков УСПЕХ што човек може да го достигне. Да се има таа привилегија и
одговорност за грижа и водство на нов живот, ОХ! Има ли нешто потешко,
поскапоцено, со појаки емоции од ова? Колкав труд, физички, ментален и емотивен е
потребен?
Искрена почит родители.
Од друга страна, не знам колкав е процентот на родители кои пред да се решат на оваа улога, реално, искрено пред себе си одговараат ЗОШТО сакаат да се родители, ШТО мислат да вложат, ШТО очекуваат од целото тоа патешествие, КАКО ќе ја усогласат оваа улога со другите (кариерни) улоги, со партнерите? Без овие одговори, често остануваме на тн.машки и женски работи, во кои често, па и преќутно и секако со исклучоци, најголем дел од работата околу децата и домот останува на жената. Таа, секако (може да) работи и надвор од домот, додека си ја тера и работата дома. Звучи познато?
Ова се многу комплексни прашања за кои треба отворено да се разговара. Тие влијаат на квалитетот на живот на родителите и децата, а и на пошироката заедница. И за крај уште еднаш - колку повеќе се занимаваме со себе на овие теми, помалку ќе имаме потреба да ги објаснуваме на другите. Ќе можеме да им помогнеме да си ги најдат своите, уникатни одговори со кои лесно и среќно ќе си одат по својот пат.
Темата ме засега приватно, како мајка на три деца и самовработена во моја фирма
минативе девет години.