Кариера

Поимот КАРИЕРА потекнува од латинскиот збор carrus, што значи “кочија”. Се смета дека некаде во 1803 година поимот “кариера” за прв пат се става во контекст на “правец на движење на животот во јавната или професионалната сфера”.Од тогаш со сега, се појавувале многу толкувања, дефиниции и теории за кариерата, нејзиното значење и потребата од нејзиното планирање.

Во наједноставна форма – кариерата е редослед на работни позиции кои лицето ги има во текот на својот работен век, а кои во поширока смисла се вклопуваат во другите животни улоги кои ги има.

Секој има кариера, без оглед на тоа дали себе си се смета за “кариерист”, човек кому кариерата му е “важна” или едноставно бара вработување. Разликата е во тоа што некои кариерата ја планираат и можат да ја градат според сопствената волја, а на други таа едноставно им се случува. Со планирањето на кариерата, овозможуваме да ни се случи тоа што посакуваме, не само на работното место, туку и пошироко.

Кариерата се поврзува и со личната визија и мисија, идеата што ја имаме за животот и улогите во семејството, околината и општеството. Кога имаме КАРИЕРЕН ПЛАН, можеме да имаме и пошироко гледање на животот кој сакаме да го изградиме.