Како изгледа една сесија за кариерно советување? Сесијата е структуриран разговор помеѓу советникот и клиентот, кој има своја цел и очекуван исход кој се дефинира на почетокот од сесијата. Целта на сесијата ја одредува клиентот - таа се базира на негова актуелна потреба. Вообичаено трае до еден час и секогаш завршува со заклучоци и активности кои клиентот одлучил да ги превземе врз основа на разговорот со советникот.
ЗАПОЗНАВАЊЕ
Првата сесија е запознавање - потребно е да дознаеме кој е од другата страна, да
стекнеме меѓусебна доверба, да дознаеме која е потребата на клиентот и каква е
подготвеноста на кариерниот советник да ја води сесијата на темите важни за
клиентот. Често велиме дека со некого едноставно "имаме хемија", лесно се
разбираме и можеме отворено да разговараме. Таа хемија е основа на довербата и тоа
е клучен услов за успешноста на советувањето.
ДОВЕРБА И ИСКРЕНОСТ
Тука, важно е да сме искрени и кон себе и кон советникот. Ако имаме прашања - да
прашаме отворено. Какво искуство има? Кои дипломи? Кој би го препорачал? Како ја
обезбедува доверливоста на разговорот? Без да дознаеме се што нЕ интересира за
советникот, некогаш не можеме да влеземе во разговор во кој ние самите ќе
откриваме лични, доверливи информации. Затоа, првиот чекор е воспоставување мост
на доверба. Довербата му е важна и на советникот - и тој треба да верува дека ќе
работи со личност која е сериозна во својата намера и потреба за кариерно
советување.
ЦЕЛ НА СЕСИЈАТА
Сесија без поставена цел е обичен разговор. Може да биде пријатен, но ништо
специфично да не извлечеме од него. Затоа, бидете подготвени за прашањето: со која
ЦЕЛ доаѓате на советувањето?
РАЗГОВОР ВОДЕН СО ПРАШАЊА
Основната алатка на советникот се прашањата. Најмногу ќе поставува отворени
прашања од типот: Што значи тоа за вас? Во која смисла го кажувате ова? Кои се други
опции? Што гледате како најдобро решение? Многу прашања чии одговори,
произлезени од вас, ја даваат вредноста на сесијата
ТЕСТОВИ, ВЕЖБИ, АКТИВНОСТИ
Кариерниот советник, по своја проценка и за бенефит на клиентот и целта на
советувањето, може да предложи тестови, вежби, активности и сл. Истите ќе ви ги
објасни и ќе ја побара вашата согласност. Тие носат навистина корисни увиди за вас
како личност и темата која ја имате пред вас.
ЗАКЛУЧОК И СЛЕДНИ ЧЕКОРИ
Сесијата завршува со сумирани заклучоци и следни чекори. Често форматот е акциски
план, кој ќе го доведе клиентот поблиску до целта на советувањето.
Некогаш, потребна е една сесија да дојдеме до решението, некогаш процесот трае
подолго. Тоа што е сигурно - по сесијата со кариерен советник имаме значително
подобри изгледи да донесеме правилна, информирана одлука, за било какво прашање
поврзано со кариерата.
Како изгледа една сесија за кариерно советување? Сесијата е структуриран разговор помеѓу советникот и клиентот, кој има своја цел и очекуван исход кој се дефинира на почетокот од сесијата.