За секој родител, без сомнеж, најважни се здравјето и среќата на детето, за чија благосостојба се грижи од денот кога тоа доаѓа на овој свет. Со целата одговорност за одгледување и насочување кон основните животни принципи, родителот се труди, според своите најдобри намери и капацитет, да му обезбеди на детето иднина во која тоа ќе си ја "најде среќата".
Сепак, најдобрите намери на родителот не секогаш се гаранција дека ќе успее во улогата на Кариерен советник, чиј дел, неизбежно, мора да го исполни. Поддршка, разбирање, верба во детето и неговите способности, присутност со личниот интерес за неговите теми, работата со прашања - тоа се основите на кариерното советување кое е во доменот на родителот. Оној другиот, суштинскиот, сепак е препорачливо да се препушти на професионално лице.
Што добива детето од работата со советникот?
1. МОЖНОСТ ДА ЗБОРУВА И РАЗМИСЛУВА ОСЛОБОДЕНО ОД ОЧЕКУВАЊАТА НА
РОДИТЕЛОТ
Потребата да биде прифатено од родителите, особено во раната возраст, за детето е
поврзана со опстанокот. Да се исполнат очекувањата од родителот, да се вклопи во
сликата на "добро дете", дури и во релации во кои постои високо ниво на сигурност и
прифаќање - сето тоа влијае на искажувањето на детето каква иднина гледа за себе.
Ова постои и во релациите кога родителот е отворен, поддржувачки и не наметнува
решенија, едноставно е дел од улогите во семејството.
2. ПРИЛИКА ДА ОТКРИЕ ШТО САКА
За некои деца прашањето "што сакаш да работиш, што те интересира" има едноставен
одговор: не знам. Ова е особено изразено во раната фаза на истражување на
интересите (основно училиште), кога детето има прилика за прв пат да искуси некои
теми, предмети, појави, области. Интересот за некоја област, може да биде под
влијание на некој професор, кој знае часот да го направи интересен. Во разговорот со
кариерен советник, може да се допре до нијансите во интересот за одредена област и
тие да се стават во релација со некое идно занимање.
Постојат ТЕСТОВИ со кои работат советниците, а кои можат да се откријат интересите
кои за детето, често несвесно ставени во матрицата за избор на образование.
3. ДА ПОЧНЕ ДА РАЗМИСЛУВА ЗА ЗАНИМАЊА И ПРОФЕСИИ, А НЕ ЗА ПРЕДМЕТИ ВО
ШКОЛОТО
Во разговорот со советникот, главната тема е - што би сакал да работиш, како тоа
изгледа, зошто е тоа добра опција за тебе, наместо - каде ќе се запишеш. Колку порано
детето почне да истражува "Што сака да БИДЕ кога ќе порасне" толку подобар избор ќе
може да направи кога за тоа ќе дојде време.
4. МОЖНОСТ ДА ПРЕВЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТ
Кога детето избира што ќе учи и што сака да работи, ја има мотивацијата да се посвети
на тоа што го гледа како интересно, корисно за себе. Кога родителот насочува-
одговорноста останува кај родителот, да го "тера" детето да реализира нешто што не е
негов избор.
5.ВЕШТИНИ ЗА НОСЕЊЕ ОДЛУКИ
Голем дел од одлуките поврзани со детето, во раната возраст ги носи родителот. Каде
ќе оди, што ќе облече, каде ќе живее, како ќе го минува слободното време... И така, на
прагот на премин од основно во средно, детето за прв пат треба да донесе одлука од
значење за неговата иднина. Низ работата со советникот, се стекнуваат вештини за
информирано носење одлуки, кои се навистина корисни понатаму во животот.
Дури и кога родителот мисли дека знае што е најдобро за детето, кога му ја гледа иднината во својата компанија, кога сака да го заштити од грешките што самиот ги направил - потребно е да му овозможи СРЕДБА СО КАРИЕРЕН СОВЕТНИК. Конечните одлуки секогаш се носат во кругот на семејството, каде може и треба да се разговара за увидите и заклучоците од кариерното советување. Кога на маса ќе се стават сите информации добиени од советувањето, идеи, опции, желби, можности, ограничувања...значително се зголемува веројатноста за одлука во вистинска насока.
Работата со кариерен советник, почувајќи од основно училиште, има силно позитивно влијание врз планирањето на кариерата и иднината воопшто, за која, со сигурност знаеме дека секој родител посакува да е во најдобар интерес за детето.
За секој родител, без сомнеж, најважни се здравјето и среќата на детето, за чија
благосостојба се грижи од денот кога тоа доаѓа на овој свет.