Живееме во време на постојани и забрзани промени предизвикани од фактори на кои немаме влијание. Со тоа, станува релевантно прашањето: како да дојдам до работа која ќе ми гарантира сигурност? Дел од клиентите во мојата пракса како кариерен советник ја имаат потребата да се фокусираат токму на овој аспект од работното место, па корисно е да разгледаме неколку аспекти на оваa тема:
Иако потребата од сигурност е универзална, дефиницијата на поимот е индивидуална. За некого е сигурна работата во приватна фирма (зависи колку ќе се покажам, како ќе придонесувам), за некого во јавниот сектор (се чини дека позициите таму не се под влијание економијата, има загарантирана плата). За друг е сигурна работата во која самиот си обезбедува ангажмани и "не зависи од никого" дали ќе му даде плата или не. Затоа, првото прашање е - што е СИГУРНА РАБОТА за вас? Што барате од работното место, работодавачот, за да го имате чувството на сигурност? Како ги поткрепувате своите ставови? Како тие ставови се поддржани од времето во кое живееме? Од кои други извори се поткрепува чувството на сигурност? *ШТО ЗНАЧИ ДА СИ ВРАБОТЕН? Низ разговорот, неминовно доаѓаме до потребата да се биде "вработен" и повторно прашањето - што значи тоа за вас? Да се зема плата, да се биде "Пријавен со договор", На определено, на неопределено време...опциите се многу. Често низ дискусијата клиентите доаѓаат до своја дефиниција за овој поим и потреба која краткорочно и долгорочно ја имаат во однос на својот работен ангажман. Чекањето на идеално работно место ретко е добра опција, наспроти стекнувањето на вештини кои обезбедуваат вработливост - дури и кога формално не сме вработени.
Има вработени кои не се вработливи, како што има невработени лица, кои лесно ќе дојдат до работа, затоа што се вработливи. Затоа што имаат знаења, вештини и ставови кои овозможуваат лесно поврзување со барањата на пазарот на труд (компаниите) и брзо да се стават во функција на работно место. Затоа се ВРАБОТЛИВИ. Тоа што некој поседува диплома, лиценца, сертификат не е потврда дека има релевантни знаења важни за сегашните услови. Тоа што има десет годишно искуство, не значи дека за тоа време напредувал со своите вештини. Најдобар начин за СИГУРНА ВРАБОТЕНОСТ е да работиме постојано на својата ВРАБОТЛИВОСТ: да ги развиваме своите компетенции до ниво на релевантност за работодавачите. Организациите секогаш, во секакви услови, бараат најдобри вработени кои најмногу ќе придонесуваат за реализација на процесите и вкупниот успех.
Живееме во време на постојани и забрзани промени предизвикани од фактори на кои
немаме влијание. Со тоа, станува релевантно прашањето: како да дојдам до работа
која ќе ми гарантира сигурност?